Случките на Ениса

20
Случките на Ениса

description

Macedonian language book 13 from the “Druzinata MELA” early childhood education picture book series

Transcript of Случките на Ениса

Page 1: Случките на Ениса

Случките на Ениса

Page 2: Случките на Ениса
Page 3: Случките на Ениса

СЛУЧКИТЕ НА ЕНИСА

Page 4: Случките на Ениса

Сликовницата е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување

конфликти, во рамките на програмата „Воведување на почит кон различностите и

мултикултурализмот во раниот детски развој во Македонија” на Министерството за труд

и социјална политика и УНИЦЕФ, финансиранa од Британската амбасада во Скопје.

Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата

и ставовите на Британската амбасада во Скопје.

Page 5: Случките на Ениса

Автор на текстот: Филипина НегриевскаЈазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко

Илустратор: Румена Најчевска

СЛУЧКИТЕ НА ЕНИСА

Page 6: Случките на Ениса

Ениса престана да излегува на игралиштето секоја среда и петок. Многу сака да учи англиски јазик и татко ѝ ја запиша на курс во едно училиште. Првиот ден, кога беше на англиски, многу ѝ беше убаво и на сите им раскажа што научила. Но, веќе по вториот час беше некако тажна и нерасположена. Наредната среда се врати многу несреќна и го замоли татко ѝ да ја отпише. Чичко Рамадан беше многу изненаден и сакаше да дознае што се случило, па ја праша Ениса да му каже зошто не сака да оди повеќе на англиски. Ениса почна уште посилно да плаче и само повторуваше дека не сака и го молеше да не ја тера да оди.

Чичко Рамадан гледаше дека Ениса е тажна и многу му беше тешко што толку страда. Си помисли дека нешто се случило со наставничката, но Ениса рече дека е многу добра.

Потоа, чичко Рамадан ја праша дали се скарала со некое дете, на што Ениса почна да вика дека не се скарала, а дека сепак не разбира зошто никој не ја сака и сите ја избегнуваат.

Чичко Рамадан со многу топлина ја прегрна и ѝ рече: „Оооо, изгледа дека тоа многу те навредило”.

4

Page 7: Случките на Ениса

5

Page 8: Случките на Ениса

Ениса го гушна уште посилно и почна да раскажува што се случило на часот по англиски: „Да, многу. Кога наставничката излезе на кратко, Иван, детето што седеше до мене, почна да ми вика: `Не сакам да седам до тебе! Бегај од мене, Циганко! Ќе фатам вошки од тебе!’ “

Чичко Рамадан нежно ја погали по косата и ѝ кажа дека сега сфаќа што ја навредило и дека не е фер за луѓето да се зборува и да се мисли нешто без да се запознаат. Тој сакаше да ѝ помогне да продолжи со часовите по англиски и ѝ рече: „Но, не би сакал да се откажеш од англиски само зашто Иван не се однесува фер со тебе. Сакаш ли да дојдам наредниот пат со тебе на англиски и да поразговараме со сите деца за Ромите, за тоа како треба, а како не треба да ги нарекуваат, и што е важно за другарувањето?“

6

Page 9: Случките на Ениса

7

Page 10: Случките на Ениса

Ениса ги избриша солзите и со радост се согласи со предлогот на татко ѝ, па се смири и излезе надвор да си поигра со другарите. Со нив се чувствуваше многу убаво. Тие секогаш заедно си играа, не ја навредуваа затоа што е Ромка, а еднаш, кога Марко фати вошки, сите се заразија, па мораше да се мијат со едни многу смрдливи шампони. Ама тоа беше одамна.

Луан, штом ја здогледа Ениса како доаѓа, веднаш се затрча кон неа и ја праша: „Каде си досега Ениса? Имавме еден проблем тука и сѐ уште не можеме да го решиме!“

Марко радосно извика: „Спасени сме! Ениса дојде. Ајде, бргу помагај! Дојде тука едно дете, дете на пријатели на родителите на Луан и знае само англиски да зборува, а ние само хелоу (Hello) и толку!“

Ана ѝ рече дека успеале да се разберат како се викаат, ама дека не знаат како да му објаснат дека ќе играат криенка.

Ениса беше среќна што може да помогне и накратко му објасни на детето на англиски како се игра криенка и потоа сите заедно си играа.

8

Page 11: Случките на Ениса

9

Page 12: Случките на Ениса

Наредниот ден таткото отиде на англиски заедно со Ениса. Ја замоли наставничката да му дозволи да поразговара малку со децата, да се претстави себеси и ќерка си Ениса, а потоа сите заедно да поразговараат за Ромите.

Чичко Рамадан ги поздрави децата со весел глас: „ Здраво деца, јас сум Рамадан, таткото на Ениса. Ениса многу сака да оди на англиски за да научи повеќе, а и за да се дружи со вас. За да се дружат, децата мора малку и да се запознаат, нели? Вие не ја познавате Ениса ниту пак Ениса ве знае вас”.

Иван, кога слушна кој е тој човек, многу се исплаши. Си помисли дека сега ќе го искара пред сите.

10

Page 13: Случките на Ениса

11

Page 14: Случките на Ениса

12

„Сакам да ви кажам нешто повеќе за нас. Ениса, јас и нејзината мајка сме Роми. Повеќето Роми имаат потемна боја на кожата и во повеќето работи се исти како и другите луѓе. И кај Ромите има побогати и посиромашни, има добри и помалку добри. Некои од нив помагаат, а некои поткраднуваат. Меѓу нив има и такви кои се доктори, наставници, но, за жал, има и многу Роми што живеат во лоши услови, што немаат работа, немаат пари, па затоа живеат во сиромашни куќи... некои Роми, а и некои Македонци и Албанци, се толку сиромашни што живеат на улица и за да си купат јадење и облека треба да ги молат луѓето да им дадат храна или сами да бараат по отпадоци. Јас сум лекар и сакам да ви кажам дека многу е важно сите деца да одат на места каде што е чисто и топло, да јадат здрава храна и да одат во училиште каде ќе можат да научат работи што се важни во животот. Сите треба да им помагаме на децата кои се сиромашни. Секој, онака како што може. Возрасните може да помагаат на разни начини, со пари, со помош во градење куќи, со лекови, децата со подарување играчки и облека што не ја користат повеќе, а најмногу самите деца ќе си помогнат со учење. Да, да, многу е важно децата да учат што повеќе за да може да знаат самите како да се грижат за себе и за другите. Затоа е супер што сѐ повеќе деца Роми одат во градинка, па потоа во училиште”.

Page 15: Случките на Ениса

13

Page 16: Случките на Ениса

14

сите деца внимателно го слушаа чичко Рамадан, а кога заврши, Лејла, девојчето што седеше во последната клупа, сакаше да знае зошто се викаат Роми и дека таа првпат тука го слушнала тој збор.

Чичко Рамадан се насмевна и ѝ кажа дека на ромски јазик зборот Ром значи 'човек' и дека тоа е нивното име. Ромите сакаат така да ги нарекуваат.

Потоа, таткото на Ениса си отиде, а Ениса остана на часот и си седна во својата клупа. Иван беше многу тивок, а при крајот на часот ѝ подаде едно писменце на кое пишуваше ИЗВИНИ. Ениса го прочита и му намигна на Иван.

Page 17: Случките на Ениса

15

Page 18: Случките на Ениса

Издавач: УНИЦЕФ

За издавачот: Нора Шабани

Уредник: Виолета Петроска-Бешка

Автор на текстот: Филипина Негриевска

Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко

Илустратор: Румена Најчевска

Дизајн: КОМА

Сите права за издавање на оваа сликовница ги задржува @ УНИЦЕФ 2015

CIP - Каталогизација во публикацијаНационална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје 821.163.3-93-32(084.11) НЕГРИЕВСКА, Филипина Случките на Ениса / [автор на текстот Филипина Негриевска ; илустратор Румена Најчевска]. - Скопје : Канцеларија на УНИЦЕФ, 2015.- 20 стр. : илустр. ; 27x22 см. - (Дружината МЕЛА) ISBN 978-9989-116-77-3 (едиција)ISBN 978-608-4787-02-01. Најчевска, Румена [илустратор] COBISS.MK-ID 98860042

Page 19: Случките на Ениса

Дружината МЕЛА

Дедото што беше слеп

ПЕПЕЛАШКО

Бајрам

ОЧИЛАТА НА ЕНИСА

Училиштен натпревар

андреј и мачето

Ѓурѓовден

Јазикот на Сара

Различни јазици

Случките на Ениса

Игра на сенки

МАРКО ВО КОЛИЧКА

Различни семејства

Свадба

Велигден

И за девојчиња, и за момчиња

Петар Пан

Меурчиња од сапуница

Сите сликовници

за дружината

МЕЛА

Page 20: Случките на Ениса